Активности

Четврток, 29 ноември 2018 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РЕПУБЛИКА КОСОВО ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Н.Е. ЃЕРЃ ДЕДАЈ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Косово во Република Македонија, Н.Е. Ѓерѓ Дедај. 

Претседателот Џафери, на почетокот на средбата, му посака топло добредојде и успешен мандат во Република Македонија на новоименуваниот амбасадор Дедај и изрази верба дека и отсега ќе се продолжи со воспоставената одлична соработка помеѓу двете земји кои се и непосредни соседи. Претседателот наведе дека соработката треба да оди во насока на олеснување на движењето на луѓето и прометот на стоки и истакна дека треба да се охрабри соработката со цел што побрза реализација на започнатите проекти и очекуваната заедничка седница на Владите на двете држави.

Амбасадорот Дедај, откако се заблагодари за приемот, искрено рече дека неговиот избор за извршување на оваа функција во Република Македонија му причинува особено задоволство, бидејќи мисли дека има многу што да придонесе во понатамошно развивање и продлабочување на односите помеѓу нашите две земји кои се наоѓаат пред многу значајни предизвици, пред исполнување на заеднички стратешки цели, а тоа е полноправното интегрирање во структурите на НАТО и Европската Унија и тоа е онаа цел која ќе помогне регионот да има стабилност, неоптоварени добрососедски односи и развиена регионална соработка.  

Двајцата соговорници се согласија дека полето на соработка е навистина бескрајно и нивната обврска ќе биде тоа да се искористи до максимум.